14 April 2014

Путер од кикирики

Најредовно го правам, сите го обожават, децата сакаат да го мачкаат на лепче, сопругот го користи за сосови од индонезиската кујна. Јас секогаш малку ги потпекувам кикирите, така што технички не е жив, но ако сакате да трошите повеќе струја може да се загреваат на пониска температура подолго време.
Ги потпекувам на околу 160-170 степени на грил фунцијата во рерна, постојано се мешаат да не потемнат, доволно е само малку да се заруменат, на тој начин избиваат и маслата и полесно станува како путер и вкусот е побогат.
Постапката е потполно иста како и за Путер од бадеми се ставаат кикириките во процесор и по неколку минути се добива путер.



 Прво се меле и станува како брашно....

 Потоа почнуваат маслата да избиваат и станува како голема топка и некој минута станува путер



13 March 2014

Ананас смуди

За пролетно и полетно освежување ;)
1/4 ананас
2 портокали
1 банана
1 стапче целер
2 чаши спанаќ
2 листа кељ
1 1/2 чаша вода и малку мраз


12 March 2014

Боровинки во чаша

1 чаша боровинки
1 чаша јагоди
1 чаша грозје
малку ѓумбир
2 стапчиња целер
2 портокали
сок од 1/2 лимон 
неколку гранчиња нане




10 March 2014

Лукума торта

Рецептот е смислен на лице место како моментна инспирација, верувам дека било какви промени ќе резултираат во нешто многу вкусно :)



Опрема
Процесор

Блендер

Основа:
1 1/2 чаша лешници
1 чаша суво грозје* 
1 лажичка цимет или ванила
прстофат хималајска сол

*може да се откисне 30-40 мин. во вода или сок од портокал)

Во процесор со S нож се мелат лешниците и полека се додава суво грозје. Смесата треба малку да лепи, ако е потребно може внимателно да се додаде малку вода или сок од портокал, или ако е киснето сувото грозје може да се употреби од течноста. Смесата се меле во процесор и потоа се реди во тавче. Неколку лажици од смесата зачувајте за декорација.

Крем:
2 чаши индиски ореви (откиснати 4-5 часа)
1/3 чаша јаворов сируп (или засладувач по желба)
1/3 чаша кокосово масло
1 лажица лукума во прав*
малку ванила
сок од 1/2 лимон
прстофат хималајска сол
*како опција во овој крем може да се изблендира и банана


1 1/2 чаша свежи боровинки се додаваат дополнително. Зачувајте 1/2 чаша за декорација ;)

Сите состојки, освен боровинките! се блендираат да се добие кремаста смеса. Кога кремот е готов внимателно се додаваат и замешуваат боровинките, потоа се мачка врз основата. Се редат боровинки и се рони малку од смесата за основата. Отприлка еден час во замрзнувач да се стегне.
Извадете ја од замрзнувач 20-тина мин пред сервирање. 
На здравје!




Лукума е супер хранливо суптропско овошје од Перу, познато како 'Злато на Инките', богато е со бета каротен, Б витамини, ниацин, хранливи влакна, здрави јаглехидрати, минерали како цинк, калциум и железо. Има сладок карамел вкус, а низок гликемиски индекс. Пробајте по една лажичка во смуди, торта, пудинг, сладолед, овесна каша ;)

п.с. за малку немаше да ја сликнам пред да ја изедеме!

06 December 2013

Кечап


Иако рецептот не е жив топло го препорачувам како додаток со жива или готвена храна, многу е вкусно!
1-1 1/2 кило домати се сечат на парчиња (не треба да се лупат), се отстрануваат семките, се редат во тавче и потоа се попрскуваат со свежа мајчина душица и сушен босилен, малку сол и црн пипер, се попрскува со маслиново масло и се потпекува на 100 степени во рерна 4-5 часа. Потоа сето се блендира и добивате преубав супер вкусен кечап! Се чува во фрижидер и се јаде со сè што ќе ви падне на памет! 

Имајте во предвид дека излегува третина од првичната количина домати што ќе ја употребите. Кај нас не трае долго!