24 January 2013

Дружба

Изминатава 2012 година како што повеќе се активирав околу живата храна, запознавав се повеќе луѓе заинтересирани за нешто ново свежо, информации и дружења. Некои луѓе дојдоа, некои заминаа, но сепак еден мал круг почна да се оформува, круг на убава позитивна енергија, муабети, смеење и забава. Некои успеав да ги запознаам лично, со некои не успевавме да се најдеме...барем се додека не решив да ги соберам сите на едно место. Можете да си замислите - полн погодок! :)
Сурово и вкусно, Ајде да јадеме и Raw food Mk на едно место. И најубаво од сè, ентузијазмот со кој прифатија дружба кај мене! Уште една потврда за правилото заедно сме појаки, а богами и повесели! И така се собравме на мала закуска, нешто за пиење, нешто за грицкање, во целата таа убава дружба јас не стигнав ништо да сликнам, ама за среќа Ана беше подобро подготвена и на мое огромно одушевување документирала некои рецепти.



Овој рецепт требаше да биде малку поинаков, ама одлично испадна “по грешка“ јас како за проба употребив само еден домат, за повеќе зголемете ја дозата за маринадата, за да можат убаво да се напијат.

Чипс од модри домати
1 модар домат, краевите се сечат, потоа на пола па на мали тенки “сланина“ парчиња.
Иако, препорачувам повеќе, едниот веднаш го снема! :)))

Маринада
2-3 лажици Тамари соја сос
2-3 лажици јаболков оцет
2-3 лажици (почнете со помалку) јаворов сируп
малку растопено кокосово масло (или маслиново)
сок од една лимета
1-2 прстофати кајен бибер (зависно дали сакате луто и колку)
1-2 чешниња лук, рендан 
1/2 лажичка црвен пипер
и евентуално малку сол, но имајте во предвид дека Тамари сосот е доволно солен, 
па можеби и нема потреба да се додава

ставете ги доматите да се маринираат, барем еден час, што подолго тоа подобро.
Потоа се дехидрираат, првиот саат на повисока температура, потоа на 42 степени. После еден час свртете ги и премачкајте ги пак со маринадата.
Времетраењето е по ваша желба, јас ги сушев цела ноќ (по грешка) ама добро излегоа :)
Деновиве ќе ги спремам со малку дехидрирање, па ќе ве известам и за таа варијанта.


Веганез
*потребен е блендер
1 чаша индиски ореви (откиснати)
мало цветче карфиол
1-2 лажички сенф
1 лажичка јаворов сируп (или друг засладувач)
сок од 1 лимон
1 лажичка јаболков оцет
сол
бибер
сушени зачини како босилок, оригано или по желба
малку вода
може и малку маслиново масло да се додаде
сето тоа се блендира и сервира






Смотаници!
Штета што не ги сликавме отворени да се види содржината :)
Листови од блитва, полнети со сирење од бадеми, авокадо, кромид, ситно сецкани пиперки.



Пијалокот кој плени многу женски срца во мометот кога го залепив на мојот ФБ ѕид!
Жив Бејлис, поточно полужив бидејќи сепак содржи вистински Бејлис.

*потребен е блендер
3/4 чаша откиснати индиски ореви
1 лажичка мескит
1 лажичка мака
1 лажичка јаворов сируп
малку кардамом
се блендира со отприлика 600-700 мл вода
и се додава Бејлис по желба колку сакате да се чувствува вкусот


Ова е нешто што може секој ден да се пие, супер здраво, енергетизирачки алкален пијалок!

Жива Сангрија
*потребен е соковник
2 чаши сок од цвекло (отприлика 3-4 парчиња)
1 чаша сок од портокал
1 чаша сок од јаболко или круша
1 стапче цимет
1 прстофат кајен бибер (опција)
2 чаши насечено овошје (јаболко, портокал, лимета)
се мешаат соковите, се додава исеченото овошје, промешајте и се оставете го барем половина час да отстои во фрижидер. 
На здравје!

Со мало задоцнување ама еве го и линкот од рецептите кои исто така се најдоа на нашата дружба Ана е малку повредна од мене што се однесува до пишување блог :)))
Љубов на прва гозба :)










No comments: